
Родителство во непредвидени околности
Секое дете ќе реагира поинаку на новонастанатата ситуација.
Вонредна состојба, полициски час, забрана за движење, затворени училишта и градинки, затворени паркови, откажани тренинзи и сите вонучилишни активности, како и дружења кои се сведени на минимум – како да им објасниме на децата дека сето ова се случува за нивна благосостојба и благосостојбата на нивните семејства? Колку ви беше тешко да си го објасните сево ова самите себеси, а потоа и да бидете пример кој својот позитивен став ќе го пренесе и на своето опкружување?
Дополнително, сега, полека сè ќе почне да се враќа во вообичаената рутина, која всушност уште долго нема да биде така вообичаена. Сега е потребно и таа нова состојба повторно да си ја објаснуваме себеси, а и на децата. Меѓутоа, постои начин како сите сето ова да го надминеме што побезболно.
Независно дали сме родители или во своето блиско опкружување имаме некое дете, дали слушаме од своите пријатели со што се соочуваат или и самите го проживуваме тоа секојдневно, важно е да разбереме како можеме да им помогнеме на овие мали луѓе од оваа ситуација да излезат уште посилни. Затоа, посветете особено внимание на последователните редови, никогаш не знаете кога и како можат да ви бидат од корист.
Секое дете ќе реагира поинаку на новонастанатата ситуација, а на кој начин ќе биде тоа ќе зависи од многу фактори, како што се возраста, личноста на детето, претходните стресни или трауматични искуства. Меѓутоа, родителите и блиските од опкружувањето се секако лицата кои можат да одиграат клучна улога и во огромна мера да влијаат на реакцијата на децата. Доколку вие пристапите на ситуацијата смирено и самоуверено, ќе создадете атмосфера во која децата ќе се чувствуваат безбедно. Затоа е многу важно да водите сметка за себеси, бидејќи кога сте одморени, смирени и подготвени, тогаш сте им од најголема корист на вашите деца и најсоодветно ќе одговорите на нивните потреби.
Како да разговараме со децата за пандемијата од вирусот корона?
Децата најверојатно тешко сами ќе разберат сè што гледаат на интернет, на телевизија или слушаат од други луѓе, така што можат да бидат особено подложни на чувствата на стрес и вознемиреност.
Вие бидете изворот на информации за детето во моменталната ситуација. Обидете се да избегнете изложеност на драматични снимки и информации, особено нивно повторување.
Бидете искрени! Започнете со повикување на детето да разговара за проблемот, поставувајте прашања за да дознаете колку знае и водете се од тоа. Кратко и јасно, во согласност со возраста на детето, пружете му ги основните информации за она што се случува во светот. Советот е да не бидете премногу опширни и да не користите зборови и изрази кои им се непознати и нејасни на децата.
Доколку детето е исплашено или загрижено за својата сигурност и безбедност, посебно сега кога мерките пропишани од државата полека го намалуваат својот интензитет, објаснете му дека е нормално да чувствува страв од вакви ситуации, но укажете му и на тоа дека и вие сте тука да се грижите за него.
Воочете му ги на детето и позитивните аспекти од ситуацијата, на пример дека сите најдобри научници работат на пронаоѓање лек или дека најголемиот број на луѓе кои ќе се разболат многу брзо и закрепнуваат.
Направете рамнотежа во својот пристап, не драматизирајте користејќи зборови како „ужасно“ или „катастрофално“, но исто така не намалувајте ja сериозноста на ситуацијата.
Не избегнувајте ја темата. Доколку детето ви постави прашање во врска со моменталната ситуација одговорете, а ако не го знаете одговорот, побарајте го заедно.
Постојано укажувајте му го детето она што може и треба да го направи за да остане здраво: да се одмара, да се храни разновидно и здраво, редовно да ги мие рацете, да не го допира лицето, да избегнува допирање на предметите надвор, да ги покрива устата и носот при кашлање или кивање, со лактот …
Доколку тоа одговара на возраста на детето, можете заедно да нацртате упатство за враќање во секојдневниот живот по намалување на епидемијата.
Многу е важно да не го оставаме детето во недоумица. Потсетете ги децата дека можат да разговараат со вас секогаш и за секоја тешка тема. Покажете им и кажете им дека ги слушате и дека сте им на располагање кога се чувствуваат загрижено.
Активности и игри во време на домашна изолација
Сите знаеме дека поголемиот број од децата и во нормална ситуација имаат поголема потреба да се движат и да бидат надвор од просечниот возрасен човек. Во оваа ситуација таа потреба многукратно се зголемува. Она што може да им ја олесни ситуацијата, како на родителите така и на децата, е правење распоред на дневни активности. Дефинирањето на дневната рутина која опфаќа станување, распоред на оброци, работни задачи, време за дружење, слободни активности, заминување на спиење, пружа чувство на сигурност и предвидливост при неизвесна ситуација. Препорачливо е времето на станување, заспивање и оброци во текот на денот од ден во ден да биде приближно исто, како и да биде обезбеден доволен сон. Направете го распоредот заедно, но бидете флексибилни.
Како што нам ни се случува при променети околности тешко да се сконцентрираме на работата, истото тоа им се случува и на децата со учењето. Простете им, бидејќи тоа во вакви околности е очекувано и претставува сигнал дека ни е потребна релаксација и добар план на активностите, како на оние кои се однесуваат на училиштето, така и на оние кои се однесуваат на одмор и забава.
Затоа, распоредот сега е многу поважен од кога било!
Во детскиот и својот план на активности можете да вклучите и подготовка на оброци и домашни активности, бидејќи покрај тоа што ова ги учи децата на вештини потребни за живот и на одговорност, исто така може да биде и одличен начин за дружење, а и вам ви е од помош.
Добар начин за свртување на вниманието од вознемиреноста е и помагањето на другите лица и затоа ги учите децата на хуманост. Ако се доволно возрасни да можат да им помогнат на постарите сограѓани во изнесување на ѓубрето или во одење на пазарење, охрабрете ги да го направат тоа и пофалете го нивниот труд.
Покрај сето горенаведено детскиот распоред обавезно мора да содржи и време за игра. Колку што е таа игра покреативна и поинаква од она што го прават секој ден, толку ќе им биде поинтересно. Во продолжение се неколку предлози за активности кои можат да ви помогнат да го пополните распоредот, но и да ја поттикнете својата фантазија и можеби заедно со децата да смислите некои нови игри прилагодени на возраста на детето.
Активности за помали деца
Гусари
Направете сите во семејството маски или превез преку окото од хартија и ластик, врзете марама на глава и нацртајте мустаќи и лузни со молив за очи. А потоа – тргнете во потрага по богатството! Користете ќебиња и перници да направите брод, тепихот може да претставува остров, а богатството може да бидат најсаканите играчки или некоја слатка сокриена помеѓу мебелот или закачена во крпа на оддалечено место. Можете да направите и мапа која води до богатството.
Не заборавајте дека патот на гусарите никогаш не е лесен! Борете се против натрапниците, мечувајте се, истражувајте ги длабочините на океанот и околината на тропските острови … Мечтајте и забавувајте се, договарајќи ја и играјќи ја својата приказна и своите правила.
Пронајди ме
Издвојте парче ткаенина и направете поголем џеб или едноставно земете платнена торба која ја имате во домот и затворете ја со штипки и шноли. Во џебот или во торбата ставете ситни предмети: џамлии, копчиња, топчиња, штипки, тапи,…
Со допир погодувајте со детето за кој предмет станува збор или дадете си го како задача едни на други предметот кој го барате.
Активности за поголеми деца
Приказни од семејниот албум
Соберете различни семејни фотографии. Најпрво погледнете ги фотографиите заедно со своите деца, именувајте ги лицата кои се наоѓаат на нив, а потоа заедно направете семеен албум. За правење на албумот потребна е тетратка, дрвени боици, фломастери, налепници, лепак, украсни ленти и сè што мислите дека може да се искористи за оваа цел, а да го имате во домот. Препуштете му на детето да избере фотографија која ќе ја ставите во албумот. За секоја фотографија раскажете приказна – како настанала и кој е на фотографијата. Обидете се да се сетите на приказна за секое лице на фотографијата, нешто што е важно, смешно, чудно или необично.
Асоцијации
За оваа игра се доволно двајца, но можете да ја играте и во парови. Секој играч треба да смисли одреден број на поими и да ги запише на ливче – дозволено е сè освен лични имиња, а поимите не би требало да бидат премногу тешки за објаснување. Сите ливчиња со зададените поими се ставаат во „шешир“ (ќесе, торба, сад – што и да имате при рака), а играчите ги влечат по одреден редослед и со цртање го објаснуваат извлечениот поим на својот пар. Соиграчот има 45 секунди да погоди за кој поим станува збор.
Креативни и самостојни активности
Доколку во одреден дел од денот не можете да се посветите на детето, можете да им зададете креативни задачи кои ќе можат да ги извршуваат самостојно.
Цртежи на зададена тема
Децата можат да прават цртежи на различни зададени теми, а некои од нив се:
- Да имам супермоќи, како би изгледал светот?
- Што ќе бидам кога ќе пораснам?
- Да сум животно, кое би било?
- Моето место од фантазијата.
Дела од шкртаници
Нацртајте шкртаници на целиот лист. Потоа на повеќе места додајте очи, уста, нос, мустаќи, линии, точки и сл. Децата на таков начин можат да создадат оригинален труд со разни шкртаници.
Нацртајте ја половината која недостига
Задачата е да се доцрта половината која недостига. Тоа може да бидат инсекти, возила, предмети или ликови, зависно од возраста и интересите на детето. Овде се става фокус на симетријата, набљудувањето, деталите, броењето и развојот на фината моторика и вештините на цртање.
Заврши го цртежот
Исечете интересни сликички од весници и списанија и само дел од сликичките залепете ги на хартија. Задачата е да се заврши цртежот на основа на зададена тема со што повеќе (измислени) детали. Можете да залепите и неколку интересни елементи кои ќе помогнат цртежот да биде поцелосен и поинтересен.
Иако може да биде предизвикувачки, многу е важно да издвоиме време за децата во вакви околности, да им посветиме многу внимание и да им ја пружиме потребната поддршка. Следете ги промените кај децата, како во однесувањето, изразувањето, така и во играта и погледот, бидејќи тие можат да ви бидат насоки за чекорите кои треба да ги преземете.
Најважно од сè, бидете им пример на децата, однесувајте се на начин на кој сакате и тие да се однесуваат. Јадете здраво, спијте доволно, вклучете физичка активност во секојдневната рутина, релаксирајте се, грижете се за себеси, правете го она што го сакате.
Ситуацијата во која сите се наоѓаме е секако предизвикувачка и бара дополнително ангажирање од вас како родители, но она што исто така е извесно е дека ова нема да трае засекогаш. Во таа смисла, најдобро е да планирате активности со децата на дневно ниво, краткорочно. Немојте да бидете остри критичари кон себеси, бидејќи кога нашите животи ќе се вратат на вообичаениот тек и кога ќе имате можност од временско растојание да го согледате овој период, сигурно ќе бидете горди што сте успеале да останете добар родител!