Стресот како дел од мене и моето опкружување

Nelt avatar Nelt 27.04.2020.

Bообичаена реакција на невообичаена ситуација.

Глобалната пандемија од вирусот корона предизвика низ промени, како на нас, така и на нашето опкружување. Ситуацијата во која моментално се наоѓаме од нас бара да ги прилагодуваме нашите животни и работни навики, како и да го менуваме начинот на кој се дружиме и комуницираме. Со оглед на тоа дека се наоѓаме во состојба која е неочекувана и која не можеме да ја контролираме, чувството на неудобност и стрес се јавува почесто од кога било.

Соочувањето со ситуација која е поинаква и непредвидлива нè води кон постојано преиспитување: како да останеме продуктивни на работа, како да ги завршиме работните задачи, како да ги завршиме работните задачи покрај семејните обврски во домот, како да ги контролираме децата и нивните обврски, како (ако живееме сами) да успееме да завршиме сè и да не се чувствуваме осамено, како да останеме здрави, како да го заштитиме семејството, како и понатаму да ја имаме рутината која ја имавме досега, како да знаеме што следно ќе се случи …

Со овие прашања се соочуваат повеќето луѓе. Важно е да се знае дека тоа е  вообичаена реакција на невообичаена ситуација. Кога ќе ве обземат грижи, кажете си себеси:: ,,Да, тешко ми е, но не сум сам во тоа.  Сите поминуваат низ оваа ситуација”.

Во нашето опкружување и говор, стресот е честа појава која се поврзува со негативна конотација – стресот настанува како последица на негативно искуство или неудобност. Кога гледаме од една перспектива, можеме да кажеме дека е така. Меѓутоа, стресот има и свои позитивни страни. Сигурно се прашувате на кој начин стресот ни носи и нешто добро? Одговорот лежи токму во нас самите, во нашата перцепција на некој настан. Стресот, може да биде и еден од најсилните двигатели кој нè мотивира да го промениме своето однесување, да донесеме некоја одлука, да ги промениме околностите, да пронајдеме начин да се чувствуваме подобро.

И покрај тоа, првата реакција на стресот кај повеќето луѓе ќе биде негативна, и тоа е во ред; во ред е да признаеме дека сега не сме добро. Во ред е што не може сè да биде совршено, во ред е што не можеме сè да постигнеме, сосема е во ред да ја покамеже својата слабост и да кажеме како се чувствуваме.

Што е стрес?

Стресот претствува резултат на нашето доживување дека некои работи ги надминуваат нашите можности, претставува дел од нашето перципирање на реалноста и како ние неа ја доживуваме (Извор: „Koronavirus i mentalno zdravlje: psihološki aspekti, saveti i preporuke“ Dr. sc. Ljiljana Muslić). Секој настан кој влијае на промената на нашето моментално функционирање и бара од нас менување на навиките,  претставува своевиден стрес. Неизбежно е тоа што неговото присуство создава чувство на исцрпеност, како во психолошка така и во физичка смисла, независно дали е позитивен или негативен.

Како знаеме кога стресот за нас е позитивен, а кога негативен?

Многумина велат дека стресот е како „шолја кафе“. Ако шолјата ја држиме во рака неколку минути, тоа е во ред. Меѓутоа, ако ја држиме неколку часа, раката почнува да нè боли, се тресеме, мускулите ни се заморуваат, мислите ни се единствено насочени кон шолјата која ја држиме. Исто е и со стресот. Долготрајното „држење на шолјата“ може во целост да го наруши нашиот организам, а каде е резултатот – отежнато секојдневно функционирање.  Тогаш нашиот организам ни порачува: „не заборавај да ја спуштиш шолјата“, односно, настаните кои ги перципираме како стресни да ги набљудуваме на друг начин и да го прилагодиме своето однесување на ситуацијата во која се наоѓаме. Во тој случај, интензитетот на стрес ќе се намали и ние ќе го набљудуваме на поинаков начин.

Што можеме да направиме во моменталната ситуација, а стресот да биде со помал интензитет?

Во кризни и непредвидливи ситуации имаме чувство дека сè што се случува не можеме да го совладаме сами, користејќи ги вообичаените начини на соочување со стресот. Повеќето препораки и совети најверојатно веќе ги слушнавме и ги ставивме негде „на страна“. Меѓутоа, важно е да бидеме свесни дека зад поголемиот дел од тие совети стојат голем број истражувања. Резултатите од истражувањата за соочување со стресот ни говорат дека прифаќањето на одредени совети позитивно влијае на целокупната благосостојба на организмот, на создавање чувство на сигурност и преземање контрола над ситуацијата. Во согласност со тоа, прочитајте го внимателно она што следи, бидејќи е возможно некоја од методите во продолжение повеќекратно да ви користи.

Без оглед на тоа што нашето секојдневие не е исто, важно е да имаме дневен план. Не е важно што ќе правиме тој ден, дали се тоа некои особено важни работи или не, дали станува збор за приватни или деловни обврски … Важно е да се планира – кој оди во набавка, кој води сметка за децата, кога ќе ги исполнам своите обврски, кога ќе имам состаноци, кога ќе вежбам, кога ќе се слушнам со пријателите … Планот може да се прави на дневно или неделно ниво. Планираната дневна рутина дава чувство на сигурност и го намалува чувството на неизвесност.

Другата препорака е комуникацијата. Иако собирањето со саканите луѓе моментално ни е оневозможено, тоа не нè спречува со нив да одржуваме контакт.  Да зборуваме со луѓето околу себе, да зборуваме со колегите/колешките, да ги прашаме како се чувствуваат, да им кажеме како ние се чувствуваме, низ што поминуваме, да ги покажеме своите чувства кон другите – во ред е секој од нас да покаже емоции.

Следниот чекор е да покажеме дека се разбираме едни со други, дека сме тука за нив и дека можеме да им помогнеме – тоа претставува мерка која може да го ублажи и да го намали стресот –  докажано е дека негувањето на односите и помагањето на другите е клучна работа, која и нас ќе нè направи среќни.

Честите промени на расположението сега се нормални – некој е тажен, некој е разочаран, некој се плаши…и сето тоа е во ред. Кога ќе го забележиме чувството на вознемиреност, треба да станеме, да издвоиме 2-3 минути, да размислиме што се случува, што чувствуваме во своето тело, кои се чувствата кои можеме да ги идентификуваме. Потоа, да си го поставиме себеси прашањето: ,,Што е тоа што јас можам сега да го направам, а што ќе направи да се чувствувам подобро? ”. Одговорот најчесто ќе гласи: „Да ги прифатам работите онакви какви што се.“

Нашата изложеност на различни информации на дневно ниво е голема. Ако се прашувате дали таа е потребна во толкава мера, одговорот е дека навистина не е. Што повеќе вознемирувачки информации слушаме, толку поголема е загриженоста, тензијата, а со самото тоа расте и стресот. Стануваме почувствителни и поранливи. Затоа, да се обидеме да направиме баланс на доволна информираност – неопходно е да имаме основни информации, но препораката е вестите на темата вирус корона да се слушаат и читаат најмногу еднаш до двапати дневно и само од проверени извори (ова можеме да го додадеме кон својот дневен план).  Препораката е вестите да не ги читаме пред спиење, бидејќи може да предизвикаат несоница. Дополнително, да се обидеме да не ја земаме „здраво за готово“ секоја приказна која сме ја слушнале од познаник и пријател, бидејќи секој од нас има тенденција ваквите приказни да ги генерализира и еден случај да го протолкува како правило. Многу често приказните кои на тој начин ќе дојдат до нас се многупати претходно прекажани, а секој кој ги прекажал им додал и некое свое доживување и елемент, што може да доведе до тоа приказната значително да се искриви и да биде невистинита. Имајте го тоа на ум.

Кога ќе се случи да не можеме да ги совладаме своите мисли, тогаш препораката е да користиме едноставни техники на опуштање. Нивната задача е да ја регулираат работата на хормоните на стрес и да нè насочуваат да ги запреме негативните мисли и со тоа своето внимание да го насочиме кон нешто друго. Техниката која се вика „5, 4, 3, 2, 1“ е многу едноставна и може за кратко време да ни помогне во ваквата задача. Таа нè враќа на „овде и сега“, на она што моментално се случува, го оттргнува вниманието од нашите негативни мисли и нè насочува кон нешто неутрално, што не нè оптоварува. За да ја изведеме, ги следиме следниве упатства:

  • Повлечете се на некое мирно место
  • Замислете пет звуци на кои можете да се сконцентрирате
  • Замислете четири бои кои можете да ги видите
  • Замислете сега три допира кои можете да ги почувствувате
  • Потоа два вкуса
  • И на крај замислете нешто што можете да го помирисате
  • Потребно е да останете со тие мисли што е можно подолго

Кај техниките за опуштање секогаш можеме да се потпреме и на физичката активност. Зошто е таа важна за нас? Физичката активност влијае на нашата физичка, ментална, емотивна, интелектуална, па дури и социјална благосостојба. Со вежбање доаѓаме до тоа нашето ниво на стрес во организмот да се намали и со тоа да го насочиме кон позитивно доживување. Исто така, редовното вежбање го зголемува нивото на допамин и серотинин во мозокот, хормони кои се поврзани со зголемување на задоволството. Кога сè ќе сумираме, вежбањето влијае на нашите чувства, мисли, емоции и нè прави поисполнети.

Да не заборавиме сето она низ што поминуваме е вообичаена реакција на невообичаена ситуација. Ова е ситуација од која секој од нас ќе излезе со ново искуство, кое преставува сила за сите идни успеси.  

Ако ни се случи стресот да се зголемува и да се чувствуваме преплавени со чувства, тоа е во ред. Секој од нас го доживува стресот на поинаков начин и секој се носи со него на поинаков начин. Меѓутоа, доколку ни се чини дека овие чувства траат премногу долго или дека се со преголем интензитет, во ред е да побараме поддршка.