Дигитализација на работењето и известување во Синџирот на снабдување

Nelt avatar Nelt 15.06.2021.

Аутор: Велимир Марашевиќ, Supply Chain Operations Development Manager

Во современото работно опкружување, приметна е тенденцијата да се дигитализираат сите деловни процеси. Под дигитализација на деловните процеси се подразбира „преведување“ на сите настани, операции и податоци во дигитална форма, односно форма со која можат да се справат компјутерите. Податоците можат да бидат разновидни – структурирани или не, создадени со голема брзина, во различни интервали (многу често и во реално време), што ги прави многу сложени за анализа.

Синџирот на снабдување (како систем на организации, луѓе, активности, информации и ресурси кои се вклучени во движење на производите или услугите од производителите до потрошувачите) составен е од низа алки, односно компании или сектори кои во своето работење користат специјализирани софтвери наменети за оптимизација на конкретни работни процеси. Секој од овие специјализирани софтвери во својата работа користи големи количества на податоци и информации. Со цел согледување на перформансите на целиот синџир, потребно е на некој начин да се обединат, обработат, односно да се трансформираат податоците од секој од тие софтвери и да се создаде единствена информација која ќе му овозможи на менаџментот побрзо и полесно донесување на правилни заклучоци во врска со моменталниот квалитет на операциите, степенот на остварување на клучните индикатори на перформансите (KPI), појасно согледување на претходните успеси и мапирање на трендовите кои е возможно да се искористат за поставување на нови работни стратегии.

Ова е клучната причина поради која секторот наречен „Оперативна Извонредност на Синџирот на снабдување на Nelt Група“ се сврте кон понатамошна дигитализација и автоматизација на деловните процеси – преку реализација на разни проекти како што се Дигитална достава, подобрување на функционалноста на WMS, создавање на софтвер за оптимизирање на продажните правци и правците за испорака и сл., но исто така и развој на соодветна аналитичка платформа за собирање, обединување и обработка на информации од сите специјализирани софтвери, со цел холистички да се набљудува работењето со Синџирот на снабдување и да се создадат соодветни алатки за известување.

За креирање на извештајот одобрен е Power BI, како една од моментално водечките алатки на полето на автоматизација на процесот на обработка на податоците и интерактивната визуализација на резултатите. Иако реализацијата на последниот спомнат проект, популарно наречен LogRep (скратено од Logistics Reporting), ќе потрае и неколку години, првите чекори на тој пат веќе се направени, а како што вели и самата кинеска поговорка: „Патот од 1000 милји започнува со еден чекор“.

Многу важна помош на овој пат ќе претставува и стратешкото определување на Nelt Група да инвестира во дополнителниот развој на системот за собирање, чување, организација, заштита, верификација, обработка и управување со податоците, кои ќе донесат бројни бенефити како на самата Nelt Група, така и на сите нејзини деловни партнери – од принципали до купувачи, затоа што со анализа на информациите кои се добиваат  од податоците, заеднички подобро ќе ги разберат потребите и однесувањето на сите актери и синџирот на снабдување, а особено на крајните потрошувачи. Ова ќе создаде можност за дефинирање на заедничка стратегија во креирање на понуда производи и услуги, кои на најдобар возможен начин ќе им одговорат на потребите на потрошувачите.

Нашето патување во дигиталниот свет одамна започна, а сега добива сосема нова димензија. Неизмерно се радуваме на понатамошното патување, бидејќи „нашата дестинација никогаш не е место, туку нов начин на гледање на работите“ (Хенри Милер).