Одговори на докторите

Nelt avatar Nelt 08.05.2020.

Здравствен дом Визим

Каква исхрана е сега најсоодветна, кои намирници би требало да бидат најмногу застапени?

Во исхраната најмногу треба да бидат застапени овошјето и зеленчукот во сирова состојба (на пример препорачливо е со секој оброк да се конзумира салата) и риба барем два до три пати неделно. Кога е во прашање термичката обработка на намирниците, избегнувајте пржење (плитка или длабока маснотија) и похување, останатите начини на подготовка се дозволени, само потребно е да се внимава овошјето и зеленчукот да не ги преварувате. Избегнувајте запршки, а наместо брашно можете да додавате овесни снегулки. Исхраната би требало да биде разновидна и да опфаќа 3 главни оброка и 1 ужина, најдобро 2 до 3 часа по ручекот.

 

Со оглед на намалениот имунитет, дали некои витамини во форма на таблети можат да ни помогнат и кои?

Кога станува збор за суплементи можете да земате комплекс витамини и минерали – цинк, магнезиум, витамин Ц, омега 3, 6, 9.

 

На каков сè начин можеме да го зајакнеме имунитетот по скоро 2 месеца домашна изолација? 

Во текот на процесот на изолација многу е важно да се води сметка за зачувување и унапредување на здравјето, за што поподготвени да се вратиме на секојдневните животни и работни активности. За целта на зачувување и унапредување пред сè на имунитетот, многу е важно да се води сметка на исхраната, физичката активност и редовниот сон. Препорачливо е од исхраната да се исфрлат сите индустриски производи. Со секој оброк може да јадете салата, а наместо индустриски сокови можете да сварите ѓумбир или да направите лимонада без шеќер. Треба да внесувате доволно течности и топли, незасладени напитоци (околу 1,5 до 2l во текот на денот).

Во еден литар вода додајте ѓумбир со големина од 10 cm и исечкан на коцкички. Варете 5 минути, тргнете го од оган и оставете го на страна да се излади. Изладениот напиток процедете го и додајте лимон и цимет, без додаток на шеќер.

За ужина најдобро е да конзумирате овошје и рака јаткасти плодови (околу 30 g). Покрај разновидната, избалансирана исхрана многу важен фактор за зајакнување на имунитетот е и редовната физичка активност, прилагодена на индивидуалните потреби и можности. Сонот е многу важен за унапредување на имунитетот, од  6 до 8 часа дневно.

 

Бидејќи нам сега ни е нарушен имунитетот и шансите да настинеме или да се заразиме со некој друг вирус се поголемикако да ја разликуваме обичната настинка и другите вируси од вирусот корона?

Вирусот корона е респираторен вирус и доколку имате респираторни тегоби како што се кашлица, болка во грлото, покачена температура или отежнато дишење, јавете се на лекар кој врз основа на прегледот и анализата на крвта ќе може да ја препознае разликата и да ве упати на тестирање, доколку е потребно. Продолжената фебрилност – покачената температура, најчесто до 38˚C, е еден од главните симптоми на КОВИД, а некогаш може да се одржи и до 6 недели.

 

Дали сме безбедни ако сме во контакт со луѓе кои веќе прележале корона и сега се здрави?

Целосно излечени се сметаат оние лица кои имаат негативен тест на вирусот корона и кои потоа ќе поминат 14 дена во домашна изолација. Потоа, со придружување кон општите мерки на превенција (маска, ракавици, социјална дистанца …), безбедно е да се вратат на секојдневните активности. Во согласност со тоа, дозволен е контакт со овие лица, како и со останатите, со придржување кон општите мерки на превенција

 

Дали е точно дека памучните и хируршките маски не нè штитат? 

Памучните и хируршките маски не се целосна заштита од вирусните честички, туку делумна, но се сосема доволна заштита во секојдневните активности. Најдобра заштита се партикуларните n95 маски кои се задолжителни на местата со зголемена концентрација на вирусни честички, како што се специјалните болници и одделенијата за интензивна нега.

 

Носењето маски дополнително им го отежнува дишењето на луѓето кои боледуваат од астма – дали нешто може да им помогне во однос на тоа?

Потребно е лицата кои боледуваат од астма со терапија соодветно да ја регулираат својата основна болест и тогаш нема да се појавува гушење, па носењето маски нема да им претставува проблем кога станува збор за отежнатото дишење. Важно е маските да ги носат само во ситуации за кои тоа е пропишано.

 

Многу луѓе во текот на овој период на изолација имаат проблеми со несоница или потреба за многу повеќе сон од претходно. Како да се изборат со тие проблеми?

Проблем со несоница – Опуштете се и одморете го својот ум. Релаксацијата е најважна работа во обидот да се ослободите од стресот и напнатоста пред да потонете во сон. Постојат повеќе начини за тоа: медитација, вежби за релаксација и визуелизација, техники на дишење…

Техника на абдоминално дишење

Користењето на техниката на абдоминално дишење се препорачува во сите состојби на напнатост и вознемиреност.

Првиот чекор е да обезбедите мирна и тивка просторија во која ќе можете да вежбате. Потоа заземете удобна положба во столот или правете ја вежбата во лежечка позиција, опуштете ги рамената и градниот кош и не прекрстувајте ги нозете. Потоа ставете ја едната рака на градите, а другата во висина на дијафрагмата за да можете да го следите процесот на дишење. Вдишете бавно, низ нос и почувствувајте како градниот кош ви се полни со воздух, а стомакот полека издишува. Бројте до 4 додека вдишувате. Потоа, задржете го здивот неколку секунди и отворете ја устата. Издишувањето нека трае додека изброите до 7. Почувствувајте како стомакот се повлекува додека бавно испуштате воздух. Продолжете да дишете на овој начин уште десетина минути. Бидете свесни за своето дишење и потрудете се да го одржите рамномерно.  Препораката е секојдневно да ја применувате техниката на абдоминално дишење додека не ја извежбате до таа мера што ќе можете да ја употребувате со леснотија.

Проблем со потребата за много повеќе сон отколку вообичаено – Креирајте стабилна структура на дневната рутина. Многу е важно да одредите приближно точно време на будење и време на спиење чие траење треба да биде од 6 до 8 часа. Исто така важно е да го испланирате времето за главни оброци и редовни дневни активности (деловни и/или активности на рекреација). Добар начин за тоа е правењето на дневен распоред така што ќе ги запишувате планираните дневни активности секоја вечер за наредниот ден. Пишувањето на планот на дневни активности треба да трае најмалку три недели и подолго. Доколку проблемот со квалитетот на сон е интензивен потребно е да побарате стручна помош така што ќе се јавите на психијатар.

 

Колку се загрозени луѓето кои имаат дијабетес и како може да се заштитат дополнително?

Лицата кои боледуваат од шеќерна болест почесто заболуваат од потежок облик на вирусот корона т.е. имаат потешки респираторни манифестации, но превенцијата е иста како и за општата популација. Тоа подразбира избегнување социјален контакт, држење дистанца, миење раце, користење на средства за дезинфекција на база на алкохол и задолжително добро регулирање на основната болест, како и навремено јавување кај лекар доколку забележат симптоми на респираторна инфекција. Правилната и разновидна исхрана е основа за добра контрола на дијабетесот, а во време на епидемија на вирусот корона добива на повеќекратно значење со оглед на важноста на внесување големи количини витамин Ц, витамин Д, цинк и магнезиум.

 

Луѓето кои имаат изразено низок или висок притисок сега имаат проблем при ненадејниот премин од домашна изолација во нормалните текови и активности во текот на денот. Кои се препораките за елиминирање или ублажување на симптомите?

Кога станува збор за лицата кои боледуваат од зголемен или намален крвен притисок, потребно е добро да го регулираат притисокот со лекарства и исхрана, односно да ја држат под контрола основната болест и на тој начин ќе ги елиминираат или ублажат симптомите на промена на дневните активности и ќе ја зголемат адаптибилноста на сите новонастанати ситуации.

 

Дали досега е утврдено на кој точно начин се пренесува вирусот корона?

Вирусот корона се пренесува по респираторен пат, но исто така некое време се задржува и на површините и предметите (должината на задржување на одредени предмети е различна, од неколку часови до неколку денови), па можно е пренесување преку рацете доколку ја допреме слузницата на очите, носот или устата. Бидејќи вирусот се лачи и преку столицата, можен е и тој вид на пренесување преку рацете на слузницата на очите, носот и устата.

 

Дали е навистина неопходно да се дезинфицираат облеката и обувките?

Кога станува збор за дезинфекција на облеката и обувките, сосема е доволно да се користат алкохолни бариери за обувките, а облеката да се пере во машина за перење алишта.

 

Кои се вашите препораки за однесување во наредниот период, кога сите ќе се вратиме во канцелариите, ќе почнеме да го користиме јавниот превоз или ќе доаѓаме на работа со повеќе од две лица во автомобилот?

Препораките за однесување во наредниот период се исти како и досега: да се носи лична заштитна опрема (маски, ракавици, визири), редовно и детално миење раце во траење од 20 секунди, да се држи дистанца од 2 метра и да се почитуваат одредбите за бројот на луѓе во канцелариите, на работните места, во јавниот превоз, како и во личните превозни средства.

 

Децата се доволно долго без физички активности и имаат изгубено кондиција. Како да ги вратиме на физичките активности?

Со оглед на тоа дека станува збор за деца, нема да постојат поголеми проблеми за враќање во кондиција. Учениците кои следеа настава преку интернет и ТВ имаа навистина корисни часови по физичка култура, во чиј тек можеа да прават особено добри вежби прилагодени на домашни услови и истите би можеле да ги практикуваат и понатаму. Што се однесува до надворешните физички активности, опуштената прошетка, возењето велосипед и ролери се добра опција за почеток.

 

Колку тренирањето и физичката активност се сега корисни?

Враќањето во „нормалниот животен тек“ после повеќенеделен карантин за сите ќе биде помалку или повеќе стресно. Физичката активност и тренинзите се одличен начин за намалување на стресот, подобрување на расположението, а воедно и работа на кондиција. Физичката активност има повеќекратно позитивни ефекти на организмот – срцето забрзано ја испумпува крвта, забрзано дишеме за поголема количина на крв и кислород да стигнат до мускулите, мускулите стануваат појаки и поеластични, а мрежата на крвни садови побогата. Предност им се дава на спортските активности на отворено. Пешачењето е најчесто клуч за контрола на телесната тежина. Секогаш кога е тоа возможно треба да одиме пешки и да се стремиме тоа да биде околу 30 минути брзо одење дневно.

 

Колку е безбедно веднаш да започнеме со посета на козметички и фризерски салони, ресторани и кафулиња, со оглед на тоа дека сите тие имаат одреден „алат“ за работа, а не можеме да бидеме сигурни во тоа дека тој е правилно дезинфициран? И дали воопшто можат да го дезинфицираат во доволна мера? 

Препораката е, кога станува збор за фризерски и козметички салони, како и ресторани и кафулиња, да се бираат оние кои се регистрирани за таа дејност, што подразбира дека мораат да се придржуваат на пропишаните одредби за пружање услуги во време на пандемија кои ги донесе Владата на Република Србија и на тој начин да се намали ризикот од инфекција. Исто така, и муштериите треба да се однесуваат согласно препораките за да биде безбедна посетата на наведените услужни и угостителски објекти.

 

Дали е нормално кожата на рацете и телото дополнително да ни се суши поради големиот период поминат во затворен простор? Дали постои уште нешто што може да ни помогне освен мачкање со крема?

Очекувано е кожата повеќе да се суши во текот на престојот во затворен простор. Затоа е многу важно да се води сметка за правилна хигиена и нега на рацете и телото. За миење на рацете може да се користи глицерински сапун, а за нега на рацете се препорачува крем со пантенол неколку пати дневно. За нега на телото се препорачуваат емолиентни креми, кои може да се користат два пати дневно, задолжително по туширање.