Нови животни правила

Nelt avatar Nelt 13.05.2020.

Сведоци сме на новото нормално, кое дефинитивно ќе биде поинакво од она на што бевме…

На сите пазари на кои групација Нелт работи започна процес на постепено ублажување на мерките, при што услужните фирми полека се враќаат на своето секојдневие, а вработените на работните места.

Сè укажува на тоа дека животот каков што го паметиме, срамежливо, но сигурно, се наѕира. Сепак, не можеме да очекуваме дека нашиот стар, нормален живот, ќе се врати во целост. Сведоци сме на новото нормално, кое дефинитивно ќе биде поинакво од она на што бевме навикнати.

Сигурно и вие се прашувате како да се вратите на претходните навики, по повеќе од седум недели ограничено движење, седење дома и ретки излегувања надвор? Сите размислуваме како ќе се навикнеме на уште една нова рутина.

Во текот на епидемијата од вирусот корона и престојот во домашни услови на карантин, покрај стравот за сопственото, како и за здравјето на блиските луѓе, кај многу се јави и страв за иднината. Што е она што нè чека во наредниот период? Како ќе се вратиме на редовните работни активности, кои досега се одвиваа на поинаков начин? Како ќе ги организираме децата и нивните активности додека не се отворат училиштата? Дали некогаш воопшто ќе можеме да се вратиме на истиот социјален живот кој го имавме пред пандемијата?

Ако и вие се сретнувате со овие прашања, овој текст може да ви понуди некои одговори.

Балансирање на клацкалката

Со укинувањето на забраната природно е да почувствуваме зголемена потреба да го направиме сето она кое не можевме да го правиме во претходниот период, како што е дружење со пријателите, враќање на работа и воспоставување на вообичаениот ритам. Меѓутоа, и понатаму останува стравот од болеста. Ваквата ситуација може да доведе до внатрешен конфликт. Од една страна постои силна природна потреба за нормализација на животот, а од друга страна страв. Се поставува прашањето што ќе преовлада? Нашата задача во периодот кој ни следи ќе биде токму балансирањето на таа „клацкалка“.

Секако, би требало да продолжиме да се придржуваме кон превентивните мерки кои се тука за да ја заштитат нашата безбедност и безбедноста на луѓето во нашето опкружување. Одржувањето физичка дистанца, носењето маски, миењето раце – и понатаму е во сила. Меѓутоа, никако не би требало да ги запоставиме ни активностите кои ни се важни и ги исполнуваат потребите кои се развиле во претходниот период.

Последици на изолацијата

Додека некои луѓе беа безбедни во релативната удобност на своите домови, други се соочуваа со тешки и вознемирувачки ситуации. Од медицинските работници на првите линии на фронтот, до луѓето кои максимално се трудеа граѓаните да ги имаат сите намирници на полиците.

Но, сите ја делиме количината на промена низ која поминавме за еден многу краток временски период.

Во обидот да излеземе на крај со ситуацијата во која се најдовме, почнавме да се навикнуваме на изолацијата и да ја доживуваме како безбедно опкружување, засолниште. За да биде сè уште попарадоксално, успешното навикнување на изолацијата може да предизвика страв од излегување надвор, сега кога дојде време за тоа.

Стравот може да биде со различен интензитет, може да се манифестира и само како несигурност во однесувањето, но едно е сигурно – тој е очекуван и нормален. Еден од начините да го совладаме е постепено да се враќаме на старите активности и животни навики, со задолжителна доза на одговорност.

Не заборавајте, доколку стравот сосема ве блокира, поддршка побарајте од своите најблиски, но и од стручно лице доколку е потребно, бидејќи како што веќе кажавме, стравот е вообичаена реакција на невообичаената ситуација.

Како полесно да се вратиме на стандардните работни активности

Ова е клучен момент кога секој од нас би требало да ја „разбуди“ својата флексибилност, бидејќи таа е неопходна за понатамошно функционирање и постигнување на очекуваните резултати во новонастанатата ситуација. Дополнително, сега е и вистински момент да се поддржиме едни со други и да покажеме силна емпатија и разбирање.

Во продолжение се наведени некои конкретни совети и препораки:

  • Периодот зад нас покажа дека дигитализацијата е неизбежна и дека многу активности можат да бидат подеднакво ефикасни онлајн. Ова значи дека дури и кога ќе се вратиме во просториите на фирмите, на почетокот можеме сосема ефикасно дел од состаноците да ги одржуваме преку онлајн-платформи, создадени за оваа цел.
  • Исто така, треба да се обидеме бројот на состаноци да го намалиме на оние неопходните – гледањето со колешките и колегите во живо во салите за состаноци треба да се случува само тогаш кога работата не може да се изврши поинаку (по телефон, е-пошта и слично).
  • Планирањето на активностите и работните обврски и понатаму останува рутина од особена важност, без оглед на смирувањето на ситуацијата. Треба да продолжиме да правиме и реализираме дневен или неделен план на своите обврски, за да ја одржиме сигурноста и стабилноста и да воспоставиме контрола.
  • Без оглед на тоа што е малку поинаква, оваа ситуација исто така може некого од нас да го воведе во чувството на стрес – во согласност со тоа сите препораки за управување со стресот за кои веќе пишувавме и понатаму остануваат релевантни и корисни.
  • Должни сме да го следиме расположението на своите колешки и колеги, да ги прашаме како се чувствуваат, дали им е потребна помош, да издвоиме време за разговор. Како што наведовме погоре, враќањето кон редовните активности на некои луѓе им паѓа особено тешко и затоа не треба да претпоставуваме дека сите добро се чувствуваат, туку треба да ги прашаме и да им пружиме поддршка секогаш кога е потребно.
  • Доколку нам самите ни е потребно да разговараме со некој, не треба да се двоумиме; имаме право да го свртиме вниманието кон своите потреби и да побараме совет и помош од колешките и колегите;
  • Треба да сме свесни дека начинот на одржување на социјалните контакти малку се промени и дека така ќе биде уште некое време. Затоа од особена важност е да ја прифатиме својата и туѓата потреба за социјални контакти и блискост, но со задолжително придржување кон препорачаните мерки за безбедност. Треба да имаме предвид дека ако ние имаме желба да му се приближиме неколку на помалку од два метра, дури и со маска, можеби на таа личност тоа не ѝ одговара – затоа е задолжително претходно да провериме дали таквото однесување е во ред.
  • Од друга страна, ако самите не се чувствуваме удобно во однос на однесувањето на некоја колешка или колега, имаме право и обврска кон себеси и другите да го свртиме вниманието кон тоа, на соодветен начин – важно е сите да се чувствуваме безбедно во заедничкото опкружување и во просториите кои ги делиме.
  • Носењето маски, ракавици, миењето раце и дезинфекцијата на работните површини е многу важно и немојте никако да се двоумите да се однесувате на овој начин, од каква било причина.

Можное да се чувствуваме непријатност додека се прилагодуваме на новиот нормален начин на однесување.

Периодот низ кој поминавме донесе нови, неочекувани работи со себе, кои на самиот почеток од вонредната состојба делуваа непремостливи. И покрај тоа, брзо успеавме активностите кои до вчера ги правевме на еден начин, да ги правиме на сосема нов и поинаков начин. Тоа е нашата сила, која можеме да ја искористиме и во оваа ситуација, зајакнати, поотпорни, со искуства на кои можеме да се потпреме.